Новото испитување спроведено врз 300 жени покажало дека оние кои извршиле абортус имаат три пати поголем ризик за развој на тумор на дојките.
Проучувајќи дали доењето штити од развој на карцином, научниците дошле до овој неочекуван резултат. Имено, податоците покажале дека доењето навистина значително влијае врз намалувањето на ризикот од тумори и истовремено откриле дека најголем ризик за развој на рак носи абортусот - дури и повеќе од менопаузата и пушењето.
"Оваа студија е уште еден доказ дека абортусот е важен фактор за појава на туморот на дојките", изјавил професорот Џек Скарисбрик, од британското здружение за советување на бремените жени "Лајф".
Сепак, повеќето британски стручњаци се уште не се убедени дека истражувањето е точно, бидејќи се базира на само 300 случаи, сметајќи дека се потребни пообемни испитувања.
Оние, пак, кои истражувањето го прифаќаат, сметаат дека за појавата на туморот "виновен" е хормонот естрадиол, што го стимулира растењето на дојките за време на бременоста.
Делувањето на хормонот е ублажено кај жените кои ќе родат, но хормонот останува на многу високо ниво доколку бременоста е прекината.
Од 1971 година во Велика Британија, по озаконувањето на абортусот, бројот на заболени од рак на дојката се зголемил за 80 проценти.
Copyright 2010 makfax Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со makfax.