Јован Босотов –Босата, најстариот велешки шнајдер

На деведесет и една година старост и лесен чекор, кој открива витална личност,  по централните улици во градот сеуште чекори и шета  Јован Босотов - Босата, најстариот шивач во Велес. Едноставно тој ќе ви го привлече вниманието секое утро кога ќе го видите како ја чекори патеката од дома, од месноста Соколаана до својот дуќан, кај Стар мост. Ќе го забележите и напладне кога се враќа дома за ручек и повторно, по само три часа одмор, уште еднаш кога ја врви назад добро познатата патека долга три километри до дуќанот каде го чекаат еснафите и пријателите. Притоа задолжително прави две попатни починки. Прво се одмара на клупата пред стоковната куќа и втор пат во паркчето под градскиот саат. Токму тука, потпрен со рацете на бастумот, овој хроничар на животот во Велес започна да ни ја раскажува својата приказна.

 

Лисица:Ви треперат денеска рацете, а пред шеесеттина години токму тие биле креатори на модата во градот?

Босата: Од нивната вештина кога со метрото ја земав мерката, со ножиците го кроев штофот и на машината го шиев моделот зависеше изгледот на машкиот костум што го носеа видни велешани но и обичните граѓани. Го гледате ли костумов што го носам. И него го сошија овие две раце, како и триесетте други костуми што ги имам дома. Убави времиња беа тие.

 

Лисица : Се сеќавате ли кога почнавте со шиењето ?

Босата: Се започна пред седумдесет и седум години, кога бев сеуште дете и чирак во шнајдерскиот дуќан на Марко Мијаков, тогаш најдобриот мајстор во градот. Штотуку завршив основно образование и сакав да бидам шнајдер. Мајсторот Марко ми ја даде првата работна задача да ги полнам со ладна вода стомните и бардаците од уличната чешма. Тогаш детскиот ум ми беше оправдување за шегите со кој се обидував да го надмудрам мајсторот. Заедно со чираците кај останатите мајстори во градот смисливме ујдурма како во лето подолго да се капеме во Вардар. Напладне, за еден час подолго капење и пливање се качувавме по старите и трули скали на градскиот саат и го поместувавме механизмот да отчука еден час подоцна. Значи три пати да чукне ама во четирите. И се така додека не не открија  имавме подолго време за капење пред попладне да ги отвориме дуќаните а мајсторите да ја продолжат работата. Не рекле за џабе младост, лудост.

Лисица : Велат сте биле многу талентиран, за шест години сте станале калфа, и тоа унапредување Ви ги отворило вратите на модниот салон на Ѓурчин Деспотовиќ дворскиот кројач во Скопје?

Босата: Така е со Јована Пренџов - Пренџата отидовме да работевме во Скопје. Веднаш не примија на работа. Видоа дека не само што знаеме да ги држиме ножиците, да го кроиме штофот туку дека не бива и за шиење на машки панталони, палта, костуми, мантили и капути. Ама бевме млади, полни со енергија и нескротен дух, не мирувавме и многу работи не интересираа. По она што го научивме во Скопје си рековме одиме понатаму. И тргнавме, го фативме возот за Белград.  Таму ни се отворија вратите на модните салони на Теразије што за нас значеше усовршување во кроењето и шиењето исто колку и во моделирањето. Тоа е време кога Белград имаше тежина на втор моден центар на Балканот, после Париз. Останавме неколку години, ама слушнав дека Софија исто така може да ми понуди добро усовршување. Веднаш по враќањето во Велес го фатив и возот за Софија. И таму поработив некоја година.

Лисица: И што се случи откако купивте занает од тамошните модни салони?

Босата:Се вратив во Велес, а брат ми веќе ми ја купил првата машина за шиење, од германската марка „FAFF". Е неа и дожам се, таа ми беше верен другар и ми даде леб, ми овозможи да се оженам, да создадам семејство, имот... Со Пренџата  отворивме дуќан на главната улица, веднаш над сегашната Градска кафеана или спроти паркингот на судот. Работата тргна, не се штедевме, шиевме од утро до мрак а имаше и добра заработувачка. Тоа беа четириесеттите години од минатиот век кога се она што го видовме на страна почнавме да го шиеме во Велес. Наши муштерии беа имотните велешани, им помагавме да изберат квалитетни штофови. Сугериравме бојата на штофот да одговара на тенот на муштеријата, да ја истакнува неговата става, а костумите моравме да ги доведеме до совршенство значи да лежат на самото тело како излиени.

Лисица: Ама втората светска војна Ви ги поматила сметките. Сте отишле во партизани и сте станале главен кројач во Горно Врановци. Сте шиеле облека на Киро Глигоров, Елисие Поповски, Панко Брашнаров, Методија Андонов Ченто. Вистина ли е ова?

Босата: Ме пофалиле велешани и тоа го слушнале нашите тогашни водачи во Главниот штаб на НОВМ и на АСНОМ во Горно Врановци. Да шиев таму. Еве ќе Ви раскажам една случка која ќе ја паметам додека сум жив. Нашите борци беа голи и боси, приоблечени некако кога падна наредба да им се сошијат униформи. Арно ама како прво моравме да ги убедиме да ги носат, пред униформите да ги сошиеме, за први луѓе на македонскиот антифашистички отпор само затоа што ги скроивме од бугарски штоф.  А немаше друг материјал туку тие штофови ги заплениле партизаните од артилериската единица на петтата прилепска бригада во напад на касарната во Прилеп. Видовме голема мака никој од нашите челници не сакаа унифоми од бугарски штоф. Многу се намачивме во убедувањето, а потоа ги сошивме. Се до крајот на војната јас шиев за партизаните.

Лисица: Што се случи потоа, откако војната заврши?

Босата: Велес од секогаш го носел приматот на занаетчиски град. По војната шивачкиот занат имаше значајно место, се развиваше па така покрај мајсторите како Марко Мијаков, Филимон Ќурчиов, Тодорче Докурчев, Никола Цураков, Јован Перков и  Весов, се најдовме и ние, со Пренџата.  И во нашиот дуќан дојдоа занает да учат нови чираци и калфи. Дел од нив останаа во Велес, како Димче Макниев, дел заминаа во Скопје, некои отидоа во Белград , во Загреб а оттаму и во Париз. Тогаш јас го купив дуќанот на локација спроти Стара Аптека., денешен комплекс згради Чешел. Во градот имаше работа. Наши муштерии беа  синовите на велешани кои студираа во Белград, Загреб, имаше некој и во Виена. Ги чекавме да си дојдат во Велес, да ни донесат модни весници, да ни кажат што беше модерно надвор од тогашна Југославија. Први почнавме да ги шиеме костумите со долги палта и широки ревери.  Тоа е време кога и јас често одев во Белград

.

Лисица: Но Вие исто така сте живееле во Белград?

Босата: Да кога се оженив со Маргица, станав татко на синот Стефан и ќерка Аница, а децата и ми потпораснаа малку со семејството живеевме во Белград. Кога беше модата во прашање, Ви кажав дека Белград важеше за втор Париз. Таму купив куќа и салон, работев а неколку години и децата ми се школуваа. Тоа беа златни времиња. Но моравме да се вративме во Велес.

Лисица: Ви беше лесно да продолжите да работите во родниот град?

Босата: Секако, веднаш се вклопив, реков дека си купив дуќан кај што се зградите Чешел и продолжив со работа. Убави беа тоа времиња, не се жалам.  Еснафот ни се зголемуваше, а велешани почнаа да шијат костуми секој месец не само за Велигден, тогашните државни празници и нова година. Ама се случи таа изградба на зградите и ми го урнаа дуќанот. Ми ветуваа дека ќе добијам нов, внатре во комплексот, но не излезе така. Дуќани добија фирмите, а јас само простор за поставување на барака, на педесет метри подолу од Чешелот, спроти Градскиот саат.

Лисица :  Kолку години работевте во бараката?

Босата: Тоа беше објект од времен карактер кој исто така веќе го нема. Таму сега има паркче и за неговата изградба општинариве ми ја отстранија бараката во која ги одработив последните 38 години од работниот век. Тој парк јас не го сакам, секако имам причина за тоа."

 

Лисица: Сега сте пензионер кој не се однесува пензионерски?

Босата: Пензионер сум, ама неможам да седам дома. Откога ми почина мојата Маргица јас живеам сам, оти така сакам. Син ми Стефан, со семејството, живее во Америка. Ќерка ми Аница, со семејството е во Велес, ама тие си имаат свој живот и треба да си го живеат, а не мене да ми го посветат. Ги сакам и секогаш ги пречекувам како гости. Кога они ме советуваа да не заседнувам туку да излегувам од дома јас тоа си го сфатив сериозно. Затоа  изнајмив дуќан кај Стар мост и до таму секојднево пешачам, по два пати. Тоа е местото во кое со моите пријатели, другари, луѓе од еснафот, наутро пиеме кафе и читаме весници а попладне муабетиме. Секој по нешто чул и разбрал, па тоа ќе го каже, ќе раскаже. Така е секојдневно и задоволен сум затоа што јас сум дел од чаршијата.

Лисица : И до кога ваков живот, еснафски, чаршиски ?

Босата: Додека сум жив, додека ме крепат нозете, ќе биде така. Не се откажувам ќе продолжам со животот во градот кој навистина го сакам. Имам причина за тоа, па јас го облекував овој град, се грижев за неговиот изглед скоро 77 години„.    

 

08/06/2010 17:21
Македонија
Lisica.mk
Lisica.mk
Lisica.mk
Lisica.mk
Lisica.mkLisica.mk
Свет
Lisica.mk
Lisica.mk
Lisica.mk
Lisica.mk
Lisica.mkLisica.mk
ФОТО ВЕСТ
Забава
Lisica.mk
Lisica.mk
Lisica.mk
Lisica.mk
Lisica.mk
Lisica.mk
Lisica.mk
Lisica.mk
Lisica.mk
Lisica.mk
Lisica.mk
Lisica.mk
Lisica.mk
Lisica.mk
Lisica.mk
Lisica.mk
Lisica.mk
Lisica.mk Интервју Технолошко-техничкиот факултет стипендира 20 студенти
Апликациите за добивање на стипендии, бручошите може да ги доставуваат во факултетот. Стипендиите ги обезбедуваат македонските компании.
Lisica.mk Од наш агол Нега на кожата во тек на бременоста
Отсуство на нега за време на бременост може да има негативни последици и проблеми со кожата кои подоцна тешко ќе можат да се корегираат.
Колумна Колумна
Впечатоци од Северна Ирска “Знам за две трагични истории – таа на Ирска и онаа на Македонија. И двете биле осиромашувани и мачени” – Роџер Кејсмент, ирски патриот, револуционер и познат поет.
Од каде се информирате?

Дневен печат

Интернет портали

Телевизија

Радија

slika
Lisica.mk
Контакт | Импресум | Маркетинг
Copyright © 2008 Lisica.mk [0.03][28]