Денеска и утре во Охрид ќе се одржува IV-от Регионален форум за финансирање на јавното здравствено осигурувањe каде Р. Македонија за првпат ја има честа да се јави во улога на домаќин на еден ваков настан од областа на здравственото осигурување.
Организатор на овој настан е Фондот за здравствено осигурување на Македонија со поддршка од ИПА Програмата за координација на социјалната сигурност и реформи во социјалната сигурност.
Традицијата за организирање на овој вид на Форум продолжува со проширување на списокот на земји учеснички, така што оваа година ќе земат учество 10 земји Словенија, Хрватска, Литванија, Унгарија, Албанија, Босна и Херцеговина, Турција, Црна Гора, Косово и Македонија со највисоки претставници од институциите одговорни за здравственото осигурување.
Регионалниот форум има за цел зајакнување на меѓусебната соработка помеѓу институциите од регионот, како и размена на искуства од областа на финансирањето на здравствените услуги. Овој настан претставува одлична можност за споредба на достигнувањата меѓу земјите учеснички како и инспирација за идните мерки за подобрување на здравствениот систем.
Програмата на настанот е поделена во четири панел дискусии што ги обработуваат актуелните теми од областа на здравството. Првиот ден од Форумот, ќе бидат опфатени темите од областа на финансирањето на секундарната здравствена заштита, со посебен акцент на искуствата од имплементирањето на ДСГ системот (дијагностичко сродни групи), како и финансирањето на специјалистичко консултативната здравствена заштита.
Вториот работен ден акцентот ќе биде ставен на дискусиите во сферата на реформите во здравствениот систем, вклучувајќи ги и реформите во финансирањето на лековите од позитивната листа.
Copyright 2010 makfax Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со makfax.