![]() Време е за професионалност Размислував дали можам и дали треба да напишам колумна која ќе се однесува на професионалноста во политиката. Мислам на професионалноста во извршувањето на задачите и работните обврски, од една страна, но и на професионалноста и одговорноста во однесувањето и комуникацијата со јавноста, од друга страна. Веројатно за ваков текст е многу подобро да пишува човек кој активно ја следи политиката, но не е активно вклучен во неа. Тоа е поради фактот, односно поради колективниот впечаток според кој секогаш е полесно да се говори отколку да се направи нешто. Односно, полесно е да се направи анализа отколку таа да биде спроведена. На ваков начин се изложувам на ризик да бидам анализа на мојот сопствен текст. Но, целта не ми е единствено да посочам и да споделам размислување дека сите ние, од оваа страна, кои сме на некој начин активни во политиката, имаме и огромен број грешки и пропусти, имаме и огромен број човекови слабости, како и сите други. Напротив, целта ми е директно поврзана со најклучното прашање, кое вели и прашува дали сакаме да ги надминеме слабостите и проблемите, дали сакаме да се справуваме со нив и дали сме подготвени да се соочиме со нив. Главната разлика е во начинот како се справуваме со нив и во подготвеноста за соочување со нив. Не бевме навикнати да ги гледаме политичарите да работат, но уште помалку бевме навикнати да ги гледаме политичарите заглавени до доцна на своите работни места. Не се сеќавам дека ги гледавме како се трудат секојдневно да останат во контакт со гласачите, било да е тоа преку директни приеми во нивните канцеларии или преку средби низ населбите и селата низ државата. Не паметам ниту дека толку многу се трудеа да докажат дека нивниот збор има тежина, односно дека не кажуваат популарни невистини. Но, паметам дека основна карактеристика на политичарите до пред извесен период беше дека им е дозволено се' и секаде. Како да не се сакаше да постојат правила и закони за нив, како и за сите други граѓани. Не беше ниту неправедно што се лутеа граѓаните дека не можат да дојдат до ниту еден свој избраник во периодот помеѓу избори. Дури беше и чудно да се видат луѓето од оваа професија како нормално се движат и се присутни на места каде што сите од нас се движат и го поминуваат слободното време. А, кога се појавуваа, го правеа тоа со помпа. Бевме некако навикнати да ги слушаме (а, и тие се навикнаа во тоа), но не бевме навикнати да ги прашаме дали тоа што го зборуваат можат да го спроведат и да го организираат (а во тоа уште повеќе се навикнаа и уживаа). Извонредно сум свесен дека елементи и од едното и од другото може да се најдат на двата краја на политичкиот спектрум. Но, можам да кажам дека сум среќен зашто политичката опција на која и' припаѓам иницираше огромен број промени во смисла на содржината на овој текст. Второ, овој текст нема намера да направи ниту временска граница. Не постои човек кој може да каже дека до пред една, две или пет години било лошо, а сега е добро или, пак, обратно. Едноставно, ова прашање не е прашање на состојба, ова е прашање на процес. Треба само да знаеме дали работите ни одат кон подобро или кон полошо. Но, и треба објективно да ги согледуваме забелешките и критиките од сите наоколу. И сега, како и порано, има многу деформации, но сум среќен поради тоа што сржта и правецот се многу подобри од претходно. Времето, личниот кредибилитет и меѓународните искуства не' учат на подобро. Салонскиот пристап кон политиката не се појави со постарите генерации политичари, туку, напротив, се појави со помладите. Некако како да сакаа брзо да ги прескокнат сите нивоа на обврски спрема граѓаните. Интелектуалниот снобизам зафати значаен дел од политичарите кои се со професионален бекграунд во високото образование. Едноставно, се доби впечаток дека не може да им биде ниту сугерирано ниту предложено нешто на овие луѓе. Нивната појдовна позиција беше, а можеби и уште е дека само тие го имаат правото на вистината. Самодоволноста е карактеристика која ги насочува овие категории луѓе на некооперативност со своите колеги и недостаток на желба за искористување на професионалните искуства на стручните лица. Пасивноста и непреземањето одговорност за процесите, одлуките и за своите постапки се елементи на политиката кои, исто така, се' уште се присутни. Како да има луѓе кои сакаат да ги искористат само добрите страни и придобивки на оваа професија, а не се подготвени да ги понесат на свој грб и тешкотиите. Тогаш се недостапни. Личните интереси и интересите на тесна категорија луѓе околу себе е лоша мана, но барем на неа се концентрирани сите сили и се' повеќе се ограничени механизмите за нејзино остварување. Идеолошката исклучивост не е вредност која треба да ја има во нашето општество. Кај нас има доволно простор и потреба да ја имаме и левицата и десницата. Но, и сите поткатегории и во едната и во другата. Од една страна, ни треба урбаната анархичност кај младите и социјалната грижа за старите, а од друга страна, ни треба граѓанската иницијативност, традиционалните народни и семејни вредности и патриотизмот. Умешноста не е да се уништат туѓите вредности, умешноста е добро да се избалансираат. Добро е добрите примери да бидат пофалени и наградени со доверба, а лошите примери да бидат силно и јасно критикувани и казнети со недоверба. Оваа генерација политичари не смее да дозволи да ни се случат ретроградни процеси. Оваа генерација политичари има обврска да ги засили и да ги забрза позитивните трендови. Политиката е ангажман што трае најкратко, затоа треба брзо да се работи.
Илија Димовски 22/03/2010 18:35
Долгот мора да се плати
Несакани ефекти и заштита после извршени хемиски пилинзи
Кој е најголемиот изум на човештвото ?![]() |