![]() Некој се сети дека постојат и земјоделци Овие денови, првпат по дваесетина години, земјоделството, но и земјоделците, пред се, станаа интересна категорија луѓе за македонските социјалдемократи. Ги гледаме црните службени возила на СДСМ како почнаа да се појавуваат во строго селектирани селски средини. Но, и тоа е добро за почеток. Подобро е да одат режирано, кај свои луѓе, отколку воопшто да не се појавуваат никаде. Така беше со децении. Не се појавуваа низ селските средини. Тоа го правеа само пред избори и никогаш пред тоа и никогаш потоа. Се надевам, дека сега, со овие посети, не промовираат страв од можни предвремени избори. Туку, напротив, се надевам дека овие селски посети на македонските социјалдемократи се искрени и не се поврзани со желбата за собирање некој глас повеќе. Се надевам дека и тие имаат намера само да ги слушнат маките со кои се соочуваат овие луѓе. Се сеќавам, само пред неколку години не можевме да видиме дека политичарите знаат да отидат и во селските населени места и едноставно само да поразговараат со луѓето за проблемите што ги мачат. И тоа не само за маката со земјоделството, туку и за маката со инфраструктурата, со патиштата, со водоводите, со канализациите. Во тоа време, пред неколку години, единствено можевте да видите дека земјоделците се обидуваа да дојдат до политичарите. Ги гледавме со живина пред Собранието на Република Македонија, ги гледавме на Плетвар, ги гледавме по раскрсниците и по другите патишта низ државата. Протестираа речиси секој ден. Еднаш беа тутунарите, друг пат млекарите, па оние што произведуваат жито, па други, па трети. Кога оваа владина структура почна со поголема грижа кон земјоделството, бевме сведоци на огромни дебати во македонското општество. Многу луѓе беа збунети од каде и зошто оваа Влада толку му се посветува на подобрувањето на состојбата во земјоделскиот сектор. Дури имаше и злонамерни забелешки од еден поранешен висок функционер и министер од СДСМ дека оваа Влада е селско-земјоделска. Но, како и да е, неискрените забелешки не се оние за кои треба да се води грижа. Она што мене ме збунува, а верувам и многу други луѓе што активно ги следат политичките процеси во нашава држава е фактот дека со оваа ново прокламирана социјалдемократска грижа за земјоделците не е можно да се постави корелација меѓу искуственото ниво на присуство или, подобро кажано, отсуство на кредибилитет, од една страна, и најновите вербални залагања за правата на земјоделците, од друга страна. Не сакам да спорам со нивната желба да и' се посветат повеќе и на оваа категорија граѓани. Напротив, тоа е добро и за граѓаните и за политичката сцена. Но, она што е контрадикторно е фактот дека токму истите луѓе, со истите советници и со поголем дел од истите соработници имаа можност низ годините да направат било што за земјоделците. Напротив, не сторија ништо и ги оставија да трупаат проблеми низ минатите две децении. Би набројал само неколку негативни сегменти од нивната политика спрема земјоделството, што беа премногу очигледни во време на мандатот на СДСМ: за министри се поставуваа луѓе без никакво стручно предискуство во областа на земјоделството (едниот беше министер поради воени заслуги, а другиот беше министер единствено поради политички заслуги); поделбата на земјоделското земјиште се одвиваше крајно нетранспарентно и на исклучително мал круг луѓе, односно во периодот од 2002 до 2006 година земјоделско земјиште им беше доделено само на 400 субјекти низ цела држава (споредено со бројката од над 2.500 субјекти што во последните три години имаат добиено земјоделско земјиште), а поголемиот дел од нив не беа земјоделци, туку бизнисмени и пријатели на СДСМ (и сега има одредени проблеми, но тие се од технички и процедурален карактер); немаше систем за распределба на субвенции, тие им се делеа на неколку фирми во секој град, а најчесто тоа беа истите оние што претходно добија огромни површини земјоделско земјиште и беа блиски до СДСМ; граѓаните лажно беа информирани дека Светската трговска организација забранува директна финансиска поддршка со цел да се покрие отсуството на политичка волја да се дадат буџетски средства за поддршка на оваа категорија луѓе; се изврши покачување на ДДВ за земјоделска механизација и земјоделски репроматеријали од пет отсто на 18 отсто, со што непотребно им се зададе огромен финансиски удар на земјоделските фамилии, при што не се објасни зошто се прави таков штетен потег; воопшто не се водеше грижа за замена на старата механизација со нова ниту имаше некоја програма ниту имаше некоја активност, а уште помалку финансиски средства за поддршка; се укина Фондот за земјоделство, што беше прапочеток на денешнава платежна агенција и со тоа се предизвика голем удар врз веќе почнатата политика за подготовка на Македонија да може да ги користи европските средства за поддршка на земјоделството; се затворија сите пет шумски расадници низ државата и се направи удар врз планскиот развој на шумарството; не се водеше никаква грижа за руралниот развој; не се водеше никаква грижа за типичните култури, како виновата лоза во Тиквешко или тутунот во Пелагонија; за производителите на пченица (кај кои пред некој ден во посета беше лично Бранко Црвенковски) се одвојуваа по нула денари финансиска поддршка, што во споредба со состојбата сега, кога се даваат по 8.000 денари за хектар, е навистина неразбирливо; и така натаму и така натаму. Може да се набројува уште многу, но ефектот би бил ист. Нема човек кому не му е познато дека ова се случуваше низ Македонија пред само неколку години. Сега имаме комплетно различна ситуација, сега имаме натпревар дали ќе се поделат 75 или 100 милиони евра за поддршка на земјоделството; имаме намален ДДВ; имаме активирана ИПАРД-програма за финансиска поддршка со средства од Европската унија; се вклучуваат науката и технологијата во земјоделското производство и уште многу. Сепак, не би сакал денешнава колумна да се разбере погрешно. Немам намера да вршам груба компарација, но мора да се посочи дека луѓето што имале шанса да помогнат, а не го направиле тоа, веќе немаат кредибилитет. Добро е што нашите колеги од опозицијата се сетија дека во Македонија живеат земјоделци. Дали тие ќе им веруваат на повторно присутните празни муабети или не, е право на граѓаните. Додека луѓето сами одлучуваат за својата иднина, има шанси да биде подобро.
Илија Димовски 02/03/2010 15:59
Долгот мора да се плати
Несакани ефекти и заштита после извршени хемиски пилинзи
Кој е најголемиот изум на човештвото ?![]() |