Овие денови целата македонска јавност се занимава со дебатирање, анализирање и со толкување на новиот Закон за заштита од пушењето. Цела општествена јавност се подигна за да стави сопствен елемент во оваа дебата. Во еден момент почувствував радост поради тоа што се осигурав дека ние, како општество, имаме потенцијал понекогаш да престанеме да се занимаваме и да дебатираме исклучиво за политика, меѓуетнички односи и за коруптивни скандали. Еве, покажавме дека можеме да спориме и да анализираме тема што е поврзана единствено со личниот однос кон една општествена и индивидуална појава, каква што е пушењето. Гледаме изјави, цели дебати, читаме колумни на многу познати ликови од јавниот живот, од културата, од шоу-бизнисот, од науката, од политиката. Вака не сме навикнати да ги гледаме процесите во државава.
Интересен впечаток, кој верувам дека повеќето од нас го стекнаа минативе дваесетина дена, е дека на оваа тема не се делиме според партиска или политичка припадност ниту, пак, се делиме на етничка или на религиска основа. Овој пат е едноставно, се делиме на луѓе што страствено употребуваат цигари или, пак, имаат во сопственост угостителски објект, од една страна, и луѓе што не се пушачи или, пак, не се толку страствени, од друга страна. Нема разлика дали некој е од оваа или од онаа партија. Има многу членови на владејачките партии што се остро против овој Закон, но има уште повеќе припадници или симпатизери на опозициските партии што многу прецизно се со подршка за овој Закон.
Во нашава држава постоеја повеќе обиди за регулирање на оваа проблематика. Сите бевме свесни дека мора нешто да се преземе и мора нешто да се промени. Таквите обиди потекнуваат уште од пред десетина години. Се сеќавам дека првиот обид законски да се регулира оваа проблематика го иницираше тогашниот пратеник Никола Поповски. Се донесе некој закон против пушење што, за жал, воопшто не ја виде светлината на денот. Неприменувањето на тој закон не беше поради тоа што законот беше неквалитетен, туку затоа што отсуствуваше волја кај тогашната извршна власт (во тој момент од истата политичка партија на господинот Никола Поповски) за да се соочи и да го примени она што беше изгласано од македонското Собрание. Таа Влада се исплаши од можниот отпор и од можните критики. Веројатно, ако тој закон си ја одиграше ефективно својата улога, овие денешни причина за дебата ќе ни беа премногу симболични и небитни. Нашето општество и различните интересни групации во него веќе ќе беа навикнати на правилата.
Се наметнаа многу тези и позиции. Јас, заради прецизноста на овој текст, би сакал да потенцирам дека го поддржувам спроведувањето на Законот од многу причини, пред се', поради заштитата на личното здравје на луѓето. Тоа е непроценливо богатство што го гледаме само во моменти кога ни недостасува. И второ, поради тоа што сериозно сум убеден дека пушењето не е добро ниту индивидуално за оние што пушат ниту, пак, за целото општество.
Секогаш кога се прави анализа и кога се носат одлуки мора објективно да се подредат сите интереси, но таквото подредување мора да е во согласност со релевантните морални, етички и општествени норми. Ќе набројам повеќе работи што беа спомнати овие денови, условно од двете страни: заштита на личното здравје; заштита на здравјето на околината; заштита на животната средина; превенција и намалување на бројот на заболени од болести на респираторниот систем; намалување на загаденоста во јавните објекти и простории; заштеда на огромни средства од здравствените фондови што се одлеваат за лекување на болести предизвикани од пушењето; но и интереси како: заштита на интересот на сопствениците на угостителските објекти и нивната економска кондиција, правото на личен избор за употреба на цигари. Сите овие интереси се, помалку или повеќе, легитимни за сите нас или барем за повеќето од нас, но за да се направи правилна одлука мора да се подредат под правилен редослед на легитимност на интересот.
Дали заштитата на личното здравје и здравјето на луѓето околу нас е позначаен интерес за едно општество од заштитата на интересот на сопствениците на угостителските објекти. И едното е легитимно, а и другото. Но, извинете, првото е многу позначајно. Тоа ќе значи дека државата и институциите прво мора да се погрижат за здравјето на луѓето, а потоа за економската кондиција на угостителските претпријатија.
Дали интересот на сите граѓани на нашата држава да имаат силен и богат здравствен фонд е повисок приоритет од интересот на помала група луѓе што се повикуваат на личната одлука да може да употребуваат цигари секаде каде што сакаат (да не го спомнувам пасивното пушење што, според сите анализи, значи дека оној што е во просторија со пушачи, пуши, спротивно на својата волја, околу 30 проценти од она што го консумира активниот пушач). И во овој случај одлуката би одела во ист правец. Не е можно да велиме дека е прашање на личен избор дали некој ќе пуши секаде каде што сака, а во исто време да се загрозува правото на другите да изберат да не пушат. Не е можно да велиме дека личната одлука не го загрозува интересот на никој друг, а во исто време да трошиме огромни средства од заедничките здравствени фондови за лекување од болести предизвикани од цигарите, болести што можеби, сами по себе, и не би се појавиле.
Дури и ако сакаме да ги употребуваме базичните теории на правото во оваа дебата повторно ќе дојдеме до заклучок кој вели дека секој може да ги користи оние права што не ги загрозуваат правата на другите. Не е спорно дека секој има право да избере, но нема право да избере да го загрозува другиот. Посебно не ако се во иста и еднаква позиција.
Дали треба или не овој Закон да биде толку строг колку што е секундарна дилемата што се појавува. Јас би рекол дека со мали и ситни корекции може да се поправат некои превиди, но во суштина Законот мора да е ваков. Ние покажавме дека и досега, во последните десетина години, не можеме да спроведеме закон што би бил многу дифузен. Дали секаде има маси за пушачи и за непушачи, дали тие се во доволен број, дали се на правилна оддалеченост едни од други, дали има можност во сите објекти да се направи таа физичка граница, дали има доволно инспектори што би можеле да го следат спроведувањето на Законот итн. итн. се прашања што не можеа да се решат досега.
Затоа, ова е единствен начин на кој едно модерно и одговорно општество може и мора да се справува со штетни појави како пушењето. Секоја цигара помалку е еден живот повеќе. Тоа е борбата.
Илија Димовски