![]() БОЛКАТА "Спомни не Господи штом ќе дојдеш Ти во Царството Твое. Блажени се оние кои веруваат во Твоето Спасение!"
А, темнина ли е? А, каква светлина беше!? И какви врли мажи силно земја газеа!? Мажи, сине мој! Мажи-велемажи што со право се велат и не се делат од канонот свет и клет: еднипати, на трипати, на стопати, сал еднаш маж-доволно е! Денизден ја подјадувам утробава, та да ми се излее нема што од устава кога лажичка в грло ми се превртува и на блуења мачни ме тера глетката. Војници! Војници што простум стојат и муви бројат, оти сал ‘рбетен мозок им е требен за вертикалата празна. Мазна, празна вертикала, попреку избричена, та не знаеш каде главата делба чини со газот стегнат и затегнат во руба гнасна за пет пари. Мазни, празни идиоти, панајоти чии жени-моми оро в куќа им вијат и крв бела им пијат. Ко вчера за маки пеат, а утре, ден по песна тажна, вино в чаши пластични леат и расолница веат (свинско месо што треба да é, ама не е, ама ќе биде еден ден!?) и пеат, Боже, пеат песна нова за до утре, задутре прекусила, мајко мила! Да сум ѓубре-олош, од сите нив полош, до Каршинозе најлош и троа згора, алал ќе си речам и кожа ќе си свлечам, ама не клечам. Нека змија лика ми пија, нека сабја сече шија, нека целата братија сургун далек ме истера, нека протера, дума не ќе задумам, алаш-вериш сторам-ќе заминам. Нека загинам-не се менувам. Не од инает, пизма ил нафака, ами од потреба чесна за чест и образ брадом црном завиена. За сурат стројно покажан и прокажан многупати од злоба долна, неграмотност болна, од завист гнила и глупави патила, од неможност црна што одамна ги прегрна и не пушта, држи и стега, милата им запрега, на коњите кревки. Од погледот на сина ми и прашањата ини. Им го думам зборот и од него непокорот ко слама сува што се руши, не гуши, ни влегува в уши и заминува во часот ист ко лист што лесно паѓа, не раѓа верба и доверба, не ваби, ами ко баби пред порта заличува, не се вкоричува, типик црн не си прави, закон што ќе биде, за она што по нас ќе биде и иде. Болката!? Се си велам, умов си го мелам, на две безбели се делам ко трупец дабов од секира остра подземен дека да ја доживеат нема?! Не допира таа таму, умна, мила, жива била, знае каде треба с нога талог да растера и крвта да ја потера до зад гора, до сите коски и зглобови, до сите меса и мускули, до умот да се раскрили и да види како со тоа мажот ќе се справи? Оти солза, оф, друшката верна нејна, не ќе изрони. Знае пуста дека мажот, ѕверот чуден и заблуден, силно ќе се топори за да ја потомори од очите влагата, сестра и од тагата и ќе стега заби за да додржи - таков болен, и ќе за'ржи, ќе вика и развикува, циркус Боже, невиден, само сув во очите да остане и да опстане таков - маж. Болката! Си бира таа и одбира, при себе си свикува и мегдан среде стегнува, не подзема на ѓонија и сеир гледа. А, што ќе види? А, што ќе чуе? Ич ништо и празно! Мажот, створот што го варди дворот и куќата света, љубовникот вечен на судбата клета, чуварот чесен на лебот с крв замесен, не ќе и дозволи, за ништо не ќе дозволи да му ја видат, да и сеир чинат кога пред порти минат, да му чујат лелек, да му сурат видат, да се шенат и драпаат со призорот тажен. Болката, мајко болката! Ќе ја тивко стара, тихувам, ќе ја стихувам и пеам, с вино ќе ја леам и ќе тлеам ко оган силен што пред спиење згаснува, ќе молчам и подголтнувам и ќе орам. Тучно коњи ќе збодињам, земја ќе превртувам, ко бик ќе ријам и не запирам. Не позволувам да ми род се стори прашина, да ми дете расте в тишина и да чека, да ми пека скаска да му раскажам за јунаци ини, за херои чија судба сум ја слушал, а не живеел. Ќе се сторам ниет и ќе рикнам силно, дури милно, целата татковина, не ќе попуштам и допуштам поразијава машка да ми сермија тормози, нервози и принципи долни да гради, да сади троскот каде плод се чека роден, плоден, за најаска силна - пченица милна и обилна. Не ќе ме видиш, мајко, насмеан, оти смеа сега требна не е, зортот голем притиска и во шутаре ме натиска, ама едно знај родителке, не лав, не пес, змеј си силен родила од утроба тесна и со песна дела ќе ми славиш, не ќе мамиш оти болката, сврделот силен што сега умов ми го меле, ако не ме умре, триж посилен ќе ме стори. Ако пак, силна болка в бој ме ваби, нека баби само тело смасно ми измијат, во руба красна нека ме обвијат и без збор и поговор кон Него нека испратат, не ќе жалам, не ќе пцалам оти пцалам, еве сега, во ноќва кога студот стега, кога сонот бега и в гради повторно ме стега, таа, болката! Таа милата, таа силата, крила што поткаструва, канџи што наострува и поглед што избиструва. Болката!
Миле Анастасов 14/11/2009 16:42
Долгот мора да се плати
Несакани ефекти и заштита после извршени хемиски пилинзи
Кој е најголемиот изум на човештвото ?![]() |