Рокот за поднесување апликации за проектот „Купи куќа, купи стан" е продолжен до 31 мај оваа година, информираше во среда министерот за финансии Зоран Ставрески.
Според него, ново е што барањата за субвенциониран кредит ќе се одобруваат месечно, додека сега кај доградбите нема да треба да се врши пренос на сопственост од родител на дете, туку ќе може да се поднесе барање за субвенциониран кредит само со право на градење заверено кај нотар.
„На овој начин Владата им излезе во пресрет на граѓаните кои покажаа голем интерес за поднесување апликации, како и на иницијатива на градежниот сектор, кој побара пролонгирање поради лошите временски услови и на времетраењето на постапките за комплетирање на потребната документација која се доставува до деловните банки", изјави Ставрески.
Тој додаде дека новиот начин со месечно одбрување има за цел забрзување на постапката, односно граѓаните побрзо да дојдат до станот, а градежните компании да немаат заробени станови.
Во првиот циклус, кој ќе трае до крајот на мај, на четири наврати ќе се одобруваат барањата доставени до банките. Ставрески не прецизираше дали ќе има втор циклус.
Copyright 2011 makfax Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со makfax