Ракометната репрезентација на Македонија, го освои петтото место на 10-Европско првенство, чиј домаќин е Србија. Во борба за петтата позиција на континеталното првенство Македонија ја победи Словенија со 28:27 (16:12).
Со оваа победа Македонија избори пласман на квалификацискиот турнир преку кој ќе се обиде да обезбеди место на Олимписките игри во Лондон.
Македонија лошо го започна мечот, Словенија поведе со 2:0, но од тој момент и серијата од 5:0, „црвено-жолтите" го презедоа водството кое со сигурна игра го чуваа во текот на првото полувреме. Перфектно во првиот дел функционираше играта во нападот, особено соработката на надворешната линија со пивотот Стоилов, кој во овој период постигна 5 од своите вкупно 6 гола.
Очекуваниот пад во играта, за среќа без последици по конечниот резултат, следуваше во стартните 20. минути од второто полувреме, кога Словенците со две серии од 3:0 и 5:0 стигнаа до предност. Но македонските ракометари уште еднаш ја покажаа менталната сила, не подлегнаа на притисокот на противникот и со мини серија од 3:0 ја вратија предноста.
На крајот „црвено-жолтите" приредија уште една драма, откако Мојсоски не реализираше, Словенија го имаше последниот напад но Ристовски го одбрани ударот на Звижеј, за конечна победа на Македонија.
Капитенот Кирил Лазаров, кој по овој натпревар и официјално стана најдобриот стрелец на едно европско првенство, натпреварот го заврши со 8 голови. Покрај капитенот, во листата на стрелците во нашиот тим се запишаа: Стојанче Стоилов 6, Алушовски 4, Темелков и Миркуловски по 3, Наумче Мојсоски 2, Филип Лазаров и Димовски по еден гол. Борко Ристовски одлично го чуваше својот гол тој одбрани 11 удари и 3 седмерца.
Словенија ја предводеше Доленец со 7 гола, Звижеј постигна 6, а Брумен, Зорман и Гајиќ постигнаа по 4 погодоци, додека голманот Шкоф имаше 12 интервенции.
Copyright 2011 makfax Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со makfax.