Британците сѐ помалку им се приврзани на моралните принципи и повеќе отколку пред десет години се склони да го измамат брачниот партнер, да лажат или да задржат пари најдени на улица, покажува студијата спроведена од Универзитетот Есекс, коешто во средата ги објави резултатите од истражувањето.
Испитаницте одговарале на прашања за однесувањето во десет ситуации, на пример дали се склони да се прошверцуваат во средствата за јавен транспорт, дали ќе ги задржат кај себе случајно пронајдените пари, дали фрлаат отпадоци на под или дали би го измамиле брачниот сопатник.
Пред десет години измамата во бракот не ја оправдувале 70 отсто од испитаниците, но сега само 50 проценти.
Натаму, 20 отсто од испитаните го оценуваат како неоправдано задржувањето случајно најдени пари. За споредба, во 2000 година така мислеле 40 отсто од испитаниците.
Британците уште се исто непопустливи кога станува збор за мамењето при добивањето социјална помош. Таквиот чин го осудиле 85 отсто од испитаниците во 2011 година, а 78 отсто во 2000 година.
Студијата спроведена врз две илјади возрасни лица покажала и дека младите до 25 годишна возраст се посклони кон неприфатливо однесување. Само третина од испитаните помлади од 25 години сметаат дека е неоправдано да се мами при давањето на податоците потребни за вработување., додека против ова се изјасните три четвртини од испитаниците повозрасни од 65 години.
За петина од од младите испитаници, лажењето е секогаш неоправдано, а за популацијата на 65 години бројката испитаници со истото мислење се искачува на 55 отсто.
Авторите на студијата таквата разлика меѓу младите и старите испитаници ја објаснуваат со „животниот циклус" убедени дека луѓето со созревањето сѐ повеќе држат до сопствените принципи. Сепак, ниското ниво на чесност меѓу младите е загрижувачка, бидејќи таквите принципи се стекнуваат во младоста, смета авторот на студијата, професор Пол Витли.
Разидувањата меѓу двете возрасни групи испитаници се очигледни и според родот, па така произлегува дека жените се малку почесни од мажите. Меѓутоа разлики нема според припадноста но пштествената класа или според професиите.
Степенот на чесноста е показател за здравјето на општеството. Со ерозијата на чесноста „луѓето стануваат недоверливи и не соработуваат едни со други, заедниците функционираат полошо, образовниот систем е полош, а послабо се одразува и на економски план, а тоа би можело да има навистина сериозни последици", заклучува професорот Витли.
Copyright 2011 makfax Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со makfax.