Ракометната репрезентација на Македонија jа забележа првата победа во четвртфиналната Група 1 на Еуро 2012. Македонија, во второто коло ја совлада Полска со 27:25 (18:12) и на противникот речиси му ги одзеде шансите за пласман во финалето.
Истовремено, Македонија си ги зголеми своите шанси за висок пласман во групата.
Вечерва во белградската „Арена", носена од извонредниот Борко Ристовски, кој со своите интервенции до очај ги доведуваше Полјаците, и капитенот Кире Лазаров, ракометната репрезентација на Македонија, особено во првото полувреме целосно го надигра противникот.
Во првото полувреме во нашата игра беспрекорно функционираат сите елементи, одбраната со Ристовски на голот функционираше беспрекорно, нападот беше разновиден, Полјаците беа разбивани од сите позиции, контрите беа убиствени и, што е најважно, „црвено-жолтите" одлично играа во ситуација кога имаа играч повеќе.
Македонија во првото полувреме ја имаше најголемата предност, во 18-та минута резултатот гласеше 13:7, но за разлика од пресметката со Данска, во првите 30 минути немаше пад во нашата игра.
Полјаците се обида во вториот дел да се вратат во мечот, нешто што им успеа со натпреварот со Шведска, на почетокот, во првите десет минути, намалија на три гола разлика, по што Македонија успеа да се врати на позитивата од шест голови.
Вториот обид на противникот да ја анулира предноста се случи во финишот на мечот, кога во периодот од 52 до 56-та минута со серија од 4:0 стигнаа на минус два, и тука застанаа. Македонските ракометари во тие моменти покажаа ментална сила, максимално работеше тимскиот дух, успевајќи да го одбијат налетот на противникот.
По второто коло Македонија и Полска имаат по три бода, подоцна вечерва во групата ќе играат Данска - Германија и Србија - Шведска.
Борко Ристовски беше нашиот најекспониран играч, тој имаше 19 успешни интервенции. Листата на стрелци ја предводеше капитенот Кирил Лазаров со 10 гола (6/6 од линијата за 7 метри), Наумче Мојсоски, Темелков и Алушовски постигнаа по 4, Миркуловски 2, а Стоилов, Филип Лазаров, Димовски и Марковски дадоа по еден гол. Во редовите на Полска најефикасен беше пивотот Бартош Јурецки со пет голови.
Утре е ден за одмор во Групата 1, а во среда, од 20:15 часот Македонија ќе игра против домаќинот на шампионатот Србија.
Copyright 2012 Makfax. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Makfax.