Несреќен пораз на ракометната репрезентација на Македонија од Германија 23:24 (12:12), во натпреварот од второто коло, во Б групата на Еуро 2012.
Свесни за значајот на натпреварот двете репрезентации одиграа тврд и докрај неизвесен натпревар. Германија отвори со 3:0, но „црвено-жолтите" бргу возвратија со три гола, го израмнија резултатот.
До крајот на мечот ниту една репрезентација не успеа да направи предност поголема од два гола. Двајцата селектори во ниту еден момент од натпреварот не отстапија од зонската одбрана 6-0.
Во нашата игра изворедно функционираше врската меѓу надворешната линија и пивотот Стоилов, кој одигра брилијантен натпревар. Германците немаа решение ниту за уфрлувањето на нашите крилни играчи на линијата од шест метри. Одличен во вториот дел беше и голманот Ангелов кој мечот го заврши со 8 успешни интервенции.
Германците до победата дојдоа во последните две минути, кога постигнаа два гола и водството на Македонија од 23:22 го претворија во победа. Во последните 120 секунди на страна на Германците беше и среќата, Манасков во тие моменти не погоди од контра, а ударот на Лазаров на десет секунди до крајот заврши на гредата од германскиот гол.
Стоилов и Лазаров постигнаа по седум голови, Мојсоски три, Манасков и Ангеловски по два, Миркуловски и Алушовски по еден гол. Кауфман со шест голови и голманот Лихтлеин со 12 одбрани, од кои два седмерца, се првите имиња во репрезентацијата на Германија.
Македонија шансата за пласман во вториот круг ќе ја бара во четврток, во натпреварот од последното коло против Чешка.

