![]() Уште едно чудо во општина Чашка
„Кога го уклучив електро моторот за да извадам вода, се изненадив. Наместо ладна потече топла вода. Во раце не се држеше. Си помислив дека се расипа моторот. Му велам на мажот дека нешто не е во ред со пумпите и му реков да ги провери. Тој веднаш отиде. По малку се врати и тој вчудоневиден. Водата од бунарот беше топла", рече Снежана Тодоровска. „Се зачудив. Отидов и го отворив капакот на бунарот. Што ќе видам . Од бунарот излегуваше густа пареа како долу да гореше оган. Погледнав во бунарот, а потоа и кон небото и реков: Господе што чудо се случува на Божиќ. Наместо ладна од бунарот излегува топла вода. Така реков и ги повикав соседите", вели 54 годишниот Трајче Тодоровски Домаќинката Снежана долго на чардакот стоела вчудоневидена. Се прекрстила и на глас рекла. „Ова е Божји дар. Господ ни подари топла вода". За да се увери почнала да ги мие рацете но, набрзо се откажала зашто водата била доста жешка. Домаќинот Трајче и соседите зеле термометар и ја измериле температурата на водата. Уште повеќе се зачудиле кога виделе дека термометарот покажал 31 степен Целзуисови над нулата. Веста брзо се пренела низ селото. Сите од селото разбраа дека водата во бунарот на Тодоровски, стар 80 години, наместо ладна вода за пиење, сега дава топла вода. Жителите, најнапред, како и сопствениците, не поверувале на оваа вест но, кога дошле и кога со свои очи виделе како од бунарот излегува густа пареа, се изненадиле. Сите почнале да се крстат, да земаат од водата и да се мијат. Велат дека таа вода била света. Покрај тоа што водата била топла имала и чуден вкус. „Бунарот е стар 80 години. Дедоми го копале. Длабок е осум, а широк еден метар. Поради тоа што водовод немало, а селската чешма , поради сушите пресушуваше, нашиот бунар никогаш не пресуше. Беше единствениот извор на вода, како занас така и за соседите па и за напојување на добитокот.Од 1995 година, бунарот го бетониравме и одтогаш водата од него постојано ја употребуваме за пиење", вели Трајче. Веста за појава на термичка вода во бунарот на семејството Тодоровски, во селото Стари Град, брзо се разнесе и во другите населени места во неговата околина како и во селата на целиот регион на Азот. Со оваа несекојдневна природна појава беа информирани и првите луѓе на општина Чашка. „Бев изненаден од ваквата вест. Меѓутоа, по чудото што ни се случи пред неколку години, кога на пресеченото дрво пред црквата и училиштето се појави ликот на мајката божја,Света Богородица, како во рацете го држи севишниот, не бев зачуден. Веднаш испратив неколкумина од вработените да ја проверат веста. Преставници на локалната власт го посетиле семејството Тодоровски и при мерењето на водата живата во термометарот се искачила , дури на 44 степен од термометарот. За оваа појава ги информирав и одговорните од Министерството за животна средина", вели Горанчо Пановски, градоначалник на општина Чашка. Еден од најстарите жители во селото Милан Лазов вели дека вакво нешто досега не се памети. „Во селото Стари Град има повеќе од петнаесет бунари. Сите имаат ладна вода и од нив се снабдуваме како за пиење така и за други потреби. Ова е навистина чудно.Од каде дојде оваа топла вода само Господ знае. Му благодариме", вели Милан. Со појавата на топлата вода во бунарот на семејството Тодоровски во селото Стари Град, жителите од општина Чашка повторно доживуваат уште едно чудо што го создала природата. Првото чудо им се случи на 22 јули 2009 година, кога ликот на Пресвета Богородица се појави на едно од исечените дрва во дворот на училиштето „Тодор Јанев. Неколку дена работници тоа дрво не можеле да го исечат. Секирите и пилите се кршеле и бегале од дрвото. Сепак на крај конечно успеале да го пресечат дрвото. Во почетокот, во срцевината на дрвото, не се познавало ништо. Вечерта, околу 22 часот, деца кои играле околу исеченото дрво, забележале силна светлина, а подоцна се појавил ликот на Богородица. Од тој ден Богородица е заштитник на Општината , а дрвото, со ликот на мајката Бoжја, стана свето место, каде верниците палат свеќи, а одтогаш е и туристичка атракција. 17/01/2012 14:28
Несакани ефекти и заштита после извршени хемиски пилинзи
Кој е најголемиот изум на човештвото ?![]() |