![]() На Специјалниот завод во Демир Капија му треба помош.
Таму три месеци не работи лифтот, во новиот објект, но не оти нема пари за поправка туку затоа што десеттина скопски фирми овластени за сервисирање и одржување на лифтови се оглушуваат на секојдневните повици на установата. „ Фирмите повеќе од 90 дена ги молиме да дојдат и да го отстранат дефектот на лифтот а тие само ветуваат и се останува на тоа дека ќе дојдат. Имаме пари да го платиме сервисирањето и не разбирам зошто така се однесуваат кон нашите барања посебно што постојано им објаснуваме дека неисправниот лифт е несовладлива бариера за 80 штитеници во Заводот," вели директорот Оливер Недев. Расипаниот лифт ги спречува штитениците во инвалидска количка секојдневно да се симнат од вториот кат на новиот објект во дворот. Останатите штитеници, на кои им помага и персоналот, на раце ги симнуваат своите пријатели по скалите но признаваат дека тоа е тешко да се прави секој ден. А сите сакаат да се симнат и барем неколку часа да поседат во новоизградениот парк. Во него се дружат, разговарат, ја пеат химната „Македонија навива за Вас"и ги гледаат како вредно тренираат нивните другари кои се подготвуваат за специјалната олимпијада. „Ние навиваме за нив, ги бодриме уште од сега, навистина се добри и сметаме дека не само што достојно ќе не претставуваат туку и ќе победат во повеќе спортски дисциплини. Сега ги гледаме одозгора, од прозорите на катот а кога ќе не симнат нашите другари и персоналот долу ние навиваме. Затоа ги молам чичковците да дојдат и да ни го поправат лифтот оти секојдневно сакаме да сме долу а симнувањето на раце е тешка работа за другарите, за чичко Перо и останатите вработени во Заводот", вели штитеникот Стевче Стефанов , болен од церебрална парализа. Дваесет и пет годишниот Стевче е задолжен за веселата атмосфера во Заводот оти е фан на Тоше Проески, ги знае сите негови песни и најубаво ги пее. Освен бариерата со лифтот, на 80 штитеници во инвалидска количка проблем им претставуваат уште обиколната патека околу најстариот објект во заводот и пристапите до него. Цементот е распукан и наместа целосно раскопан. Потребно е ново бетонирање или асфалтирање. „ Одлучивме да направиме кампања, да ги повикаме сите добронамерни луѓе и институции во државата, да ни помогнат кој колку може. Отворивме специјални броеви на мобилните оператори и очекуваме дека ќе стекнеме нови пријатели. Секоја помош за нас е добродојдена," вели директорот Оливер Недев. Специјалниот завод во Демир Капија слави јубилеј, 50 години постоење. Тоа е само една причина таму денеска да се испрати подарок на кој искрено ќе се израдуваат 312 штитеници. Најмладиот од нив има само 10 години а најстариот неодамна го прослави 87 роденден!
19/10/2008
Од Сојузот на спортови за 2011 бевме прогласени за втор најуспешен спортски клуб во градот
Пигментација на кожата
Знаете ли што е тоа Е-ОТПАД![]() |