
Новинарското востание кое требаше да се одржи на 8-ми септември Денот на независноста, ќе биде заменето со низа други активности за изразување на револтот предизвикан од деградирачкиот однос кон професијата и обединување на новинарската фела, соопштија денеска организаторите.
Поради можноста за искористување на протестот кој би се одржал на 8-ми септември во разни политички игри и негово етикетирање, иницијаторите за обединување на новинарите во Македонија сепак се одлучија ова „востание" да претставува една продолжена серија на активности како трибини и дебати кои би имале единствена цел - враќање на достоинството на новинарите.
Поаѓајќи од мотото „За новинарството се работи", новинарите упатија повик до колегите да се вклучат во напорите за подобрување на социјалниот и професионален амбиент во кој работат новинарите бидејќи не може да се зборува за професионални стандарди без елементарни социјални права.
„Разговаравме со многу од колегите и добивме голема поддршка и решивме оваа поддршка да ја насочиме на серија активности кои ги врзуваме за симболиката на 8-ми септември, но не завршуваат тука, туку продолжуваат и понатаму," рече на денешната прес конференција Тамара Чаусидис, една од иницијаторите за новинарското „востание".
Главните цели за реализирање на ова новинарско обединување забележани во декларацијата се: формирање на Синдикат на новинарите, зајакнувањето на ЗНМ, како и закрепнување на МРТВ.
Copyright 2010 makfax Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со makfax.