
Лидерот на Нова Демократија, Имер Селмани, денеска побара од премеирот Никола Груевски да каже каде ја гледа Македонија во следните неколку години.
Според него, Груевски во отчетот за својата работа не кажал во кој правец ќе се движи Македонија.
„Премиерот има обврска на граѓаните да им објасни дали оваа држава ја гледа како што ја гледам јас и мнозинството на граѓаните. Или, гледа една друга Македонија, Македонија која и понатаму ќе се бори за индивидуално и колективно преживување, меѓународно изолирана и со меѓуетнички тензии и закани, без перспектива за граѓаните и особено за новите генерации", рече Селмани.
Претседателот на НД уште еднаш го потврди ставот дека нивната пратеничка група нема да ги поддржи измените на Деловникот за работа на Собранието, доколку не бидат прифатени нивните барања. НД остануваат на ставот на формирање на посебно тело за контрола на трошењето на буџетските средства, зајакнување на позицијата потпретседател на Собранието и проширување на употреба на албанскиот јазик во законодавниот дом.
Copyright 2010 makfax Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со makfax.